Горан Пандев, нашата најголема фудбалска величина, веројатно последниве десетина години, повторно се враќа во репрезентативниот дрес!
Моментот, како, зошто и во кои околности за доволно упатените е повеќе од јасно, а мојот коментар би било Добредојде назад Гранде Горан!
Пишувајќи го овој текст, се навраќам на уште еден голем момент и повторно поврзан со гореспоменатото светски познато име, Viaregiio Cup. За него лично голем куп, кој го исфрли во фудбалските височини, а уште поголем чин за поздравување е што тој лично се залага, вложува во неговата фудбалска академија преку која и ќе се претстави идната година на истиов куп во Италија.
Целта во воведот би гласела, СЕКОЈА ЧЕСТ на оние кои верувале во квалитетите на Горан, па на време успеале случајно или не да има можност да БИДЕ ВИДЕН на дело на територија надвор до нашата, каде за жал некако пореално се цени квалитетот. Секоја чест уште од тоа време на бате Ване, многуте тренери кои сигурно го бодреле, помагале, СЕКОЈА ЧЕСТ на храброста и доблеста на фудбалски стручњак како Никола Илиевски-Џиџи да на време го препознае и го “фрли” во оган и тоа на тло каде и започнала оваа спортска игра, директно во Англија.
И, сега доколку се вратиме во реалноста и направам една дистинкција, фудбалски лиги (прва, втора, трета) без публика, без стимулација, без мотивација, лиги каде голем број на тренери (не го коментирам квалитетот на лигите, познат ни е), немаат храброст да стават во игра младинци во прва екипа, макар да тие бидат и најслабите алки во екипата кога веќе сме на ова ниво, кога немаме храброст да направиме еве трета лига исклучиво само за играчи до 23 години и ништо повеќе, тогаш се поставува прашањето каде ќе го бараме некој наследник на Горан, па и другиот Горан- Попов, Седлоски, Новески, Пачовски, Мирко Ивановски и многу други кои прво сонувале, па преку соодветната шанса подоцна и го живеат тој фудбалски сон.
Сепак, морам да потенцирам, имаме поднебје и квалитет со огромен талент за спорт, особено технички за фудбал и се надевам со соодветна поставеност, организација и пред се опфатеност на сите фудбалски градови во Македонија, повторно ќе почниме да се подигаме од бездната.
Наместо заклучок и резиме, останува да ги бодриме, мотивираме и следиме оние кои веќе го започнале тој пат, па така и овој текст го посветувам на една наша голема фудбалска надеж Кристијан Тасески-Кико, деновиве за прв пат ја запозна Германија. Денес започна и со тренинзи во TSG Thannhausen каде уште од нареден собир ќе продолжи во поголемата група, со оглед на неоспорниот талент. Во таа насока, веќе од наредната недела се планирани неколку скаутинг тестови преку нашата партнерска агенција Спортагон, со што ќе се дадат насоки и планови за негов понатамошен развој и подолгоречен план кој треба да се следи и применува со оглед на неговата возраст.
ЗВ